Најава за намалување на американското воено присуство во Германија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да повлече повеќе американски војници од Германија од првично најавеното. Изјавата ја даде синоќа пред новинари во Флорида.

Според претходни информации, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет наредил повлекување на околу 5.000 припадници на американските сили од базите во Германија, пренесе ДПА.

Трамп, сепак, посочи дека бројката ќе биде повисока.

„Ќе одиме на значително намалување. И ќе кратиме многу повеќе од тие 5.000“, изјави тој.

Од американското Министерство за одбрана соопштија дека процесот на повлекување треба да заврши во следните 12 месеци. Деталите околу планот засега не се целосно објавени.

Политички тензии и американско воено присуство во Европа

Одлуката доаѓа по неодамнешни политички тензии меѓу Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Според информациите, расправијата е поврзана со изјави за улогата на САД во преговорите со Иран.

Во Европа со децении се наоѓаат големи американски воени бази кои имаат значајна улога во глобалните операции на САД. Меѓу нив се Европската команда во Штутгарт и воздухопловната база Рамштајн во Рајнска област-Пфалц.

Според воени податоци од април, во Европа се стационирани околу 86.000 американски војници. Од нив околу 39.000 се во Германија, при што бројките редовно се менуваат поради ротации и вежби.