Вашингтон најави остар одговор кон Техеран по ракетните напади врз американските позиции на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати нови заканувачки пораки кон Иран.
„Ќе ги претепаме… Ќе ги удриме силно, ќе добијат добар ќотек“, изјави Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Изјавата на американскиот претседател следува по информациите од Централната команда на САД (CENTCOM) дека Иран испукал неколку балистички ракети кон американските сили во регионот.
Од CENTCOM не соопштија кои американски бази биле цел на нападите, но наведоа дека сите лансирани ракети биле пресретнати пред да предизвикаат последици.
Иранските државни медиуми, пак, објавија дека цел на нападот била американска воена база во Јордан. Според американската војска, пет ирански ракети биле пресретнати над оваа локација.
Ова е уште една во низата остри пораки што Трамп ги упатува кон Техеран во период на зголемени тензии меѓу двете земји. Сепак, и покрај претходните закани од американскиот претседател, дел од нив не беа проследени со директна воена акција.
Најновите случувања дополнително ги зголемуваат тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, додека двете страни продолжуваат со меѓусебни обвинувања и предупредувања.
