Трамп тврди дека демонстрантите добиваат плата и најавува проверка според Законот RICO
Американскиот претседател Доналд Трамп најави можност за покренување истрага за рекетирање против Џорџ Сорос или неговото семејство, обвинувајќи го за финансирање на протести, јавија локалните медиуми.
– Ќе го испитаме Сорос, бидејќи мислам дека ова е случај против него и други луѓе, според Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации, рече Трамп за „Фокс енд френдс“. „Бидејќи ова е повеќе од протести. Ова е вистинска агитација“, додаде тој.
Изјавата доаѓа само неколку дена откако во луксузен ресторан во Вашингтон Трамп се соочи со демонстранти кои извикуваа „ослободете ја Палестина“ и го нарекуваа претседателот Хитлер, предизвикувајќи загриженост за безбедноста во Белата куќа, коментираат американските медиуми.
Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации, познат како „Закон RICO“, обично се користи за гонење на организиран криминал.
Портпарол на Фондацијата „Отворено општество“ соопшти дека организацијата „не поддржува ниту финансира насилни протести“ и дека обвинувањата се лажни, додека заканите против Џорџ Сорос се скандалозни.
Трамп исто така рече дека Сорос „и неговиот прекрасен син на радикалната левица треба да бидат истражени“, иако не прецизираше на кој син мислел. Алекс Сорос, еден од синовите, е претседател на одборот на директори на Фондацијата „Отворено општество“, една од највлијателните добротворни институции во светот.