Американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини за автомобилите и камионите од Европската Унија, обвинувајќи го Брисел дека не го почитува трговскиот договор со Соединетите Американски Држави. Новата царина, според неговата најава, ќе изнесува 25 отсто.
Во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“, Трамп порача дека не е задоволен од односот на Европската Унија кон САД и дека новите царини ќе почне да ги применува следната недела.
„Со задоволство објавувам дека, врз основа на фактот дека Европската Унија не го почитува нашиот целосно договорен трговски договор, следната недела ќе ги зголемам царините што ѝ се наплаќаат на Европската Унија за автомобили и камиони што влегуваат во Соединетите Американски Држави. Царината ќе се зголеми на 25%. Целосно е разбрано и договорено дека ако произведуваат автомобили и камиони во фабрики во Соединетите Американски Држави, нема да има царини“, рече Трамп.
Американскиот претседател потоа изјави дека САД дополнително ќе го зајакнат домашното производство на автомобили и камиони.
„Многу фабрики за автомобили и камиони се во изградба во моментов, а инвестирани се над 100 милијарди долари, што е рекорд во историјата на производството на автомобили и камиони. Овие фабрики, каде што работат американски работници, наскоро ќе се отворат. Ништо вакво не се случило до денес во Америка“, заклучи Трамп.
Најавата предизвика реакции во Европската Унија. Претседателот на трговскиот одбор на Европскиот парламент, Бернд Ланге, оцени дека потегот покажува оти САД се непредвидлив трговски партнер.
„Последниот потег покажува колку е непредвидлива американската страна“, рече Ланге.
Тој додаде дека ваквиот пристап не е начин на кој се третираат блиски партнери.
„Сега можеме да одговориме само со целосна јасност и цврстина, потпирајќи се на силата на сопствената позиција“, додаде Ланге.
Според него, однесувањето на Трамп е „неприфатливо“, бидејќи Европската Унија се држела до рамката на трговскиот договор постигнат со САД минатата година во Шкотска. Со тој договор биле утврдени царини од 15 отсто за најголем дел од стоките од Европската Унија, со што бил избегнат поголем трговски судир.
Ланге тврди дека токму САД повеќепати го прекршиле договорот. Како пример ги посочи повеќе од 400 производи што содржат челик и алуминиум, кои сега се подложени на просечна царина од 26 отсто.
Новиот потег на Трамп може дополнително да ги заостри трговските односи меѓу САД и Европската Унија, особено во автомобилската индустрија, која е еден од најчувствителните економски сектори меѓу двете страни.
