Американскиот претседател Доналд Трамп објави мапа на својот профил на „Truth Social“, на која голем дел од Северна Америка и околните територии се прикажани под знамето на САД. Објавата е најнова во серијата негови провокативни пораки поврзани со географијата и територијалните претензии.

На сликата американското знаме ги покрива Соединетите Американски Држави, но и големи делови од Канада, Гренланд и Мексико. Визуелни елементи во американски стил се прикажани и во други делови од регионот, а Трамп не објави никакво објаснување за значењето на мапата.

Новата објава следува еден ден откако американскиот претседател сподели друга графика, на која сојузната држава Ново Мексико е преименувана во „Нова Америка“. На сликата зборот „Мексико“ е прецртан и заменет со зборот „Америка“.

Белата куќа не соопшти дека постои каква било официјална иницијатива за промена на името на сојузната држава.

Гувернерката на Ново Мексико, Мишел Луџан Гришам, преку објава на социјалната мрежа „X“ порача дека името на државата „не е предмет на дебата“. Таа го обвини Трамп дека се занимава со „пребојување на мапите“ во период кога работничките семејства се соочуваат со растечки трошоци за гориво.

На истата социјална мрежа реагираше и сенаторот Мартин Хајнрих.

„Три работи што секогаш ќе ги нарекувам со нивните вистински имиња… Мексиканскиот Залив, Езерото Онтарио, Ново Мексико“, напиша Хајнрих.

Пратеничката Мелани Стенсбери, исто така, ја отфрли идејата за промена на името.

„Ние сме од Ново Мексико. Точка“, порача Стенсбери.

Пратеникот Гејб Васкез изјави дека Трамп не може да го „избрише Ново Мексико“, ниту неговата историја и култура.

Трамп сè почесто ги користи географските преименувања и мапите како дел од своите политички пораки, објави „4news.mk“.

Во јануари 2025 година, тој ѝ нареди на американската влада Мексиканскиот Залив да го нарекува „Американски Залив“.

На 27 август Трамп потпиша извршна наредба со која им наложи на федералните агенции езерото Онтарио да го преименуваат во „Езеро Америка“. Потегот следуваше во период на нагло влошување на односите меѓу САД и Канада.

Администрацијата на Трамп се обиде да го потврди и американското право врз Гренланд, кој е самоуправна територија на Данска, предизвикувајќи дипломатски тензии.

Вашингтон воедно го засили притисокот врз Куба. САД воведоа санкции и продолжија со пошироката кампања за економски притисок врз Хавана.