Русија денеска соопшти дека ќе го затвори германскиот генерален конзулат во Санкт Петербург. Одлуката е донесена како одговор на потегот на Берлин да ги затвори рускиот конзулат во Бон и рускиот културен центар во германската престолнина.
Мерките на Германија следуваа откако германските власти ја обвинија Москва за обид за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале. Русија ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како апсурдна измислица.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека германскиот конзулат во Санкт Петербург мора да престане со работа најдоцна до 18 септември.
Потврдено е и дека културните центри на германскиот Гете-институт во Русија ќе мора да ја прекинат својата работа. На нивните вработени им е наредено да ја напуштат земјата најдоцна до 13 септември.
„Повторно германските власти се тие што предизвикаа нова рунда на ескалација во билатералните односи. Германската влада сноси целосна одговорност за последиците“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
