Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази уверување дека војната со Иран ќе заврши до крајот на оваа година. Според него, пресвртот би можел да се случи околу или непосредно по американските конгресни избори во ноември.
Трамп, кој престојува во Ирска, изјави дека Техеран силно сака да постигне договор и оти очекува конфликтот да заврши во наредните месеци. Тој и претходно тврдеше дека војната би можела да заврши веднаш по изборите во САД.
Американскиот претседател смета дека Иран се надева оти продолжувањето на војната и високите цени на енергенсите ќе влијаат врз расположението на американските гласачи. Според неговата проценка, економскиот и воениот притисок врз Техеран на крајот ќе доведе до договор.
Трамп очекува евентуалното завршување на конфликтот да предизвика и значително намалување на цените на нафтата и горивата. Цените во изминатиот период беа под силен притисок поради воените судири и проблемите со транспортот на енергенси низ регионот.
Неговата изјава доаѓа во период на високи тензии околу Иран. Во неделата бил погоден ирански товарен брод во близина на островот Кешм во Ормускиот Теснец, при што едно лице загинало, а четири биле повредени, објавија иранските државни медиуми.
Истовремено продолжуваат разговорите за безбедноста и пловидбата низ Ормускиот Теснец, една од најважните точки за светската трговија со нафта. Земјите од Персискиот Залив бараат начин за стабилизирање на состојбата и спречување на натамошното ширење на конфликтот.
Запрашан за можните разговори меѓу Иран и земјите од Заливот, Трамп рече дека нема ништо против одржувањето на таквите средби и дека одлуката зависи од самите држави.
Американскиот претседател уште на 9 септември тврдеше дека војната ќе заврши „веднаш“ по изборите во ноември. Според него, Иран нема уште долго да може да го издржи американскиот економски притисок.
Конфликтот, сепак, продолжува, а американските сили и натаму имаат значително воено присуство во регионот. Трамп останува на ставот дека договор со Техеран е можен доколку Вашингтон добие услови што американската администрација ги смета за прифатливи.
