Можно засилување на американското воено присуство
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД се подготвени за воена интервенција против Иран доколку не се постигне договор меѓу двете земји, нагласувајќи дека Вашингтон има и други опции ако разговорите пропаднат.
Во телефонско интервју за израелската телевизија Канал 12, Трамп изјави дека во тек се обиди за постигнување договор со Техеран, но предупреди дека неуспехот на преговорите може да доведе до остри мерки, слични на оние преземени за време на 12-дневниот конфликт во јуни минатата година.
„Иранците многу сакаат да постигнат договор. Или ќе склучиме договор, или ќе мора да направиме нешто многу остро, како минатиот пат“, изјави Трамп.
Договорот мора да ги опфати и балистичките ракети
Тој оцени дека последната рунда разговори меѓу САД и Иран, одржана во Оман, се разликува од претходните дипломатски обиди, посочувајќи дека Иран сега покажува поголема подготвеност за компромис.
„Минатиот пат тие не веруваа дека ќе го направам тоа. Премногу ризикуваа“, рече Трамп, осврнувајќи се на американските напади врз иранските нуклеарни објекти извршени во јуни.
Американскиот претседател истакна дека евентуалниот договор мора да ги опфати не само нуклеарните активности на Иран, туку и неговата програма за балистички ракети. Тој додаде дека очекува нова рунда разговори меѓу двете држави да се одржи следната недела.
Трамп најави и можност за дополнително засилување на американското воено присуство на Блискиот Исток, вклучително и испраќање уште еден носач на авиони со придружна ударна група.
„Веќе имаме армада таму, а можеби уште една е на пат“, изјави тој.
Во моментов, САД во регионот располагаат со носачот на авиони „УСС Линколн“ и неговата придружна ударна група, а евентуалното распоредување на дополнителни сили би значело значително зголемување на военото присуство во регионот.
