Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, во која отворено спомена употреба на воена сила за заземање на Гренланд, предизвика дипломатски одговор од Копенхаген. Настапот на Трамп доаѓа по посетата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој побара засилена соработка со САД.
„Сметам дека постои реална можност тоа да се реализира со употреба на воена сила. Се работи за зачувување на светскиот мир и меѓународната стабилност. Не исклучувам ниту една опција,“ изјави Доналд Трамп.
„Искрено, не ми е важно каков сигнал ќе испрати ова до Владимир Путин,“ додаде тој, одржувајќи го својот познат, конфронтирачки стил.
Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен, остро реагираше на ваквиот настап, потсетувајќи дека Данска веќе вложува во безбедноста на Арктикот, и дека ваков дискурс не му прилега на сојузнички односи.
„Изнесени беа сериозни критики и ние сме секогаш отворени за конструктивна дебата. Но мора да кажам отворено – не го прифаќаме тонот со кој беа изразени. Тоа не е начин на комуникација меѓу блиски сојузници какви што сме ние и САД,“ изјави Расмусен.
Тој потенцираше дека Данска не прифаќа притисоци, особено кога се повикува на воена сила.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој неодамна го посети Гренланд, се обиде да внесе умереност во американската позиција. Тој истакна дека САД немаат намера да употребат воена сила. Сепак, тој посочи дека Данска треба повеќе да вложува во безбедноста на Арктикот.
„Нема да примениме воена сила за Гренланд. Но факт е дека Данска не инвестира доволно за да го заштити регионот. Тоа мора да се промени,“ изјави Венс.
Истражувањето спроведено во јануари покажува дека големото мнозинство жители на Гренланд се против анексија од страна на САД. Од 2009 година, островот има право да распише референдум за независност, а неколку политички партии активно го поддржуваат тој процес.
Гренланд има самоуправа за внатрешните работи, но надворешната политика и одбраната се во надлежност на Копенхаген. Ситуцијата го поставува островот во чувствителна геополитичка позиција.
Извор: Ht