Осуден за факсисификати
Светските медиуми ги бранува веста дека поранешниот американски претседател и кандидат за реизбор на оваа позиција е осуден. Во САД, 12-члената порота во Њујорк го прогласи за виновен по сите 34 точки во судскиот процес за фалсификување деловни досиеја и незаконско влијание на изборите во 2016 година преку финансиски исплати во замена за молк.
„Монтиран процес“
77-годишниот Трамп најави жалба и вели дека станува збор за монтиран процес, и дека претседателот Бајден се обидува да го дискредитира.
„Ова беше монтиран судски процес од конфликтен судија, кој беше корумпиран. Не направивме ништо погрешно, јас сум многу невин и се борам за нашата земја. Ова беше направено од администрацијата на Бајден за да повреди политички противник и мислам дека е срамота тоа. Ќе се бориме докрај и ќе победиме“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
Дали ќе има затворска казна?
Окружниот обвинител на Менхетен, рече дека единствениот глас што е важен е гласот на поротата. Го отфрли прашањето, дали ќе бара затворска казна, велејќи дека неговата канцеларија ќе го реши тоа на суд.
„Судијата закажа изрекување на пресудата за 11-ти јули. Јас ја завршив мојата работа. Нашата работа е да ги следиме фактите и законот без страв. И токму тоа го направивме овде“, изјави Алвин Брег, окружен обвинител на Менхетен.
Голема поддршка за Трамп од граѓаните
Поддржувачите на Трамп велат дека не се изненадени од пресудата. Оние што се против неговата нова кандидатура за претседател се задоволни од исходот.
„Не бев изненадена за пресудата, знаев дека ќе го направат ова, затоа што не го сакаат за претседател“, изјави медицинска сестра во пензија од Мајами.
Бараат да не се дозволи да биде претседател
„Тој не е способен за функцијата. Се надевам дека ова ќе ја сврти ситуацијата и повеќе луѓе ќе сфатат дека не треба да му се дозволи повторно да биде претседател“, изјави жител на Аламеда, Калифорнија.
Пресудата за фалсификување документи и поткуп е донесена шест месеци пред претседателските избори на кои Трамп е републикански кандидат. На тест е подготвеноста на гласачите првпат да изберат кандидат со криминално досие. Против поранешниот претседател се поднесени уште три обвиненија, но тие судења не се очекува да се одржат пред изборите во ноември. Трамп се изјасни за невин и за тие случаи.