Трамп објави дека операцијата била спроведена во координација со Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во американска операција е убиен Хектор Рустенфорд Гереро Флорес, познат како Нињо Гереро, кого Вашингтон го посочува како лидер на криминалната група „Трен де Арагва“.
Во објава на својата платформа Truth Social, Трамп наведе дека нападот бил извршен по негова наредба и дека целта била успешно неутрализирана.
„По моја наредба, Јужната команда на САД изврши брз и смртоносен кинетички напад за успешно елиминирање на Нињо Гереро, озлогласениот лидер на ’Трен де Арагва‘, една од најкрволочните терористички организации на планетата Земја“, соопшти Трамп во објава на својата платформа Truth Social, која содржеше и видео на кое наводно е прикажан нападот.
Тој додаде дека акцијата била спроведена со поддршка од венецуелските власти.
„Оваа акција беше координирана во блиска соработка со нашите пријатели во Венецуела, со кои работиме многу добро“, додаде Трамп.
Американските власти со детали за операцијата
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека нападот бил насочен кон објект на „Трен де Арагва“ во Венецуела и бил реализиран претходно оваа седмица.
„Операцијата ја нагласува заедничката посветеност на САД и Венецуела да ја водат борбата против наркотерористите и да им го одземат секое безбедно засолниште на нашата хемисфера“, додаде Хегсет во објава на X.
Френсис Донаван од Јужната команда на САД им се заблагодари на венецуелските безбедносни сили за учеството во акцијата.
„Венецуелските безбедносни сили дадоа поддршка во успешната заедничка операција против комплексот на ’Трен де Арагва‘, која резултираше со смрт на лидерот на нарко-терористичката организација, Хектор Рустенфорд Гереро Флорес, познат како ’Нињо Гереро‘“, изјави Донаван.
Тој посочи дека Гереро бил баран од американските власти.
„Гереро беше баран бегалец, обвинет од Министерството за правда на САД за нарачување, раководење и олеснување на акти на тероризам и насилство во Соединетите Држави“, додаде Донаван.
„Трен де Арагва“ е обвинета за низа тешки кривични дела
„Трен де Арагва“ се смета за една од најмоќните криминални организации што потекнуваат од Венецуела. Групата се поврзува со трговија со дрога, изнуда, нелегално рударство и шверц со луѓе. Во изминатите години ги проширила своите активности и во други држави од Латинска Америка, како и во САД.
Администрацијата на Трамп на почетокот од годинава ја прогласи организацијата за терористичка група.
Трамп порача дека американските власти ќе продолжат со ваквите операции.
„Терористите на ’Трен де Арагва‘ повеќе немаат безбедно засолниште во Венецуела или каде било на друго место и, под мое водство, ќе ги најдеме овие брутални убијци и нарко-босови во кое било време, на кое било место, и ќе ги испратиме во длабочините на пеколот каде што припаѓаат“, порача Трамп.
Администрацијата на Трамп во изминатиот период презеде засилени мерки против, како што ги нарекува, структурите на „нарко-тероризмот“. Меѓу нив се и напади врз бродови во Карипското Море и источниот Пацифик за кои постои сомневање дека се користат за шверц на дрога.
Според податоците на Јужната команда на САД, од почетокот на овие операции во септември досега, во такви акции биле убиени повеќе од 200 лица осомничени за трговија со дрога.
Венецуела, земја со големи нафтени резерви, се наоѓа во период на политички превирања по соборувањето на Николас Мадуро од страна на САД на почетокот на годинава.
