Српската министерка за државна управа и локална самоуправа Снежана Пауновиќ изјави дека „седум секунди од нејзиното интервју за Курир биле злонамерно извлечени“ за да биде обвинета дека се залага за етничко чистење. Истовремено, таа ги повтори ставовите од спорното интервју, додавајќи дека можеби било подобро да го употреби изразот „депортација“, наместо „етничко чистење“, за да избегне, како што рече, „да биде распната“.
Пауновиќ, функционерка на Социјалистичката партија на Србија, минатиот викенд на Курир ТВ изјави дека, доколку во 1998 година била на местото на тогашниот претседател на Сојузна Република Југославија, Слободан Милошевиќ, „етнички би го исчистила Косово“. Сега тврди дека реакциите се последица на „злоупотреба на дел од реченицата“.
„Она што Албанците го исекоа и го злоупотребија, а во Србија го прифатија сите оние што сакаат политички да се пресметуваат, било само со мене или со целото владејачко мнозинство, всушност се обидуваат да ѝ нанесат штета на Србија. Кога од кое било интервју ќе исечете седум секунди снимка, сосема е сеедно од кое, од тоа може да го направите токму ова што го направија тие“, изјави Пауновиќ за ТВ Прва.
Таа рече дека можеби не требало да зборува за етничко чистење.
„Да, веројатно требаше да кажам депортација, едноставно за да избегнам да ме распнуваат и едните и другите. Но секој што е нормален и разбира за што зборувам знае дека понекогаш ќе ви се поткраде несреќен израз. Впрочем, кога сте етнички исчистени, а речиси и да сме, или секојдневно се трудат тоа да се случи, природно е во главата да ви остане изразот етничко чистење како пресметка што сте ја претрпеле“, рече Пауновиќ.
Ministarka Paunović upravo objašnjava da možda ne bi etnički očistila Kosovo od Albanaca.
Samo bi ih deportovala.
I to bi tako rekla samo zato da je ne bi razvlačili. pic.twitter.com/XdvPDQAKy8
— Željko Veljković (@novinarupenziji) July 17, 2026
Својата изјава се обиде да ја оправда со тврдењето дека нагласила оти етничко чистење не би спровела на начин на кој, според неа, денес го прават косовските Албанци.
„Не со ликвидација на кого било, туку едноставно со слободна волја“, изјави министерката.
„Објаснувањето на мојата реченица беше следното: Милошевиќ требаше да го направи следново – секој што не ги почитува Уставот и законите на тогашната Сојузна Република Југославија требаше да биде вратен во матичната земја за која смета дека му е подобра, а со терористите, како и секаде во светот, требаше да се пресметаат официјалните вооружени сили“, порача таа.
Пауновиќ изрази разочараност од иницијативата на 53 опозициски пратеници во српското Собрание кои побараа нејзина смена.
„Малку ме изненадува што толку ревносно одговорија на таквата иницијатива, особено затоа што, на пример, немаа толку разбирање кога станува збор за некои отворени прашања што се однесуваат на Србија, нејзиниот суверенитет или воопшто подобриот живот на граѓаните. Но луѓето се расиплива стока“, оцени таа.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, кој ѝ забрани влез во Косово, Пауновиќ го обвини дека бил „истакнат борец на терористичката ОВК“ и човек кој „убивал и етнички го празнел Косово“. Таа тврдеше и дека бил дел од силите што киднапирале луѓе и ги носеле во „жолтата куќа“.
Коментирајќи ги повиците за оставка, Пауновиќ рече дека нема проблем да се повлече ако мнозинството граѓани на Србија оцени дека нејзината изјава ѝ штети на државата.
„Ако така одлучи мнозинска Србија, немам никаков проблем да се повлечам од функцијата министерка за државна управа и локална самоуправа или да направам што и да биде побарано. Но од мнозинска Србија! А да им ги исполнувам желбите на овие ловци на функции, тоа ќе оди малку потешко“, заклучи таа.
Извор: МКД
