Граѓаните секој ден се соочуваат со нов ценовен удар, додека животниот стандард континуирано се влошува, изјави потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во интервју за телевизија Канал 5. Таа оцени дека поскапувањето на горивата и парното, како и последниот ребаланс на Буџетот, ја потврдуваат погрешната економска политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тренчевска посочи дека бензинот поскапел на 95 денари, дизелот на 98,5 денари, а цената на парното била зголемена за шест проценти. Според неа, власта сè уште нема донесено конкретни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Реалноста е дека граѓаните од ден во ден живеат сè полошо. Вчера имавме покачување на бензинот на 95 денари, на дизелот на 98,5 денари, покачување на парното за 6 проценти. Значи, постојано покачување, а никакви мерки нема за да се заштити животниот стандард на граѓаните“, изјави Тренчевска.

Таа оцени дека ребалансот на Буџетот покажува во која насока се движи државата, а како пример го посочи буџетот на Министерството за социјална политика и демографија.

„Ребалансот е огледало на тоа каде се движи државата. Со ребалансот имавме популистички изјави дека во Министерството за социјална политика и демографија се зголемува Буџетот за 2 милијарди, но ако направите анализа на ставките, ќе видите дека станува збор за лошо проектиран основен Буџет“, рече Тренчевска.