Третата годишнина од масовното убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ денеска се одбележува со оддавање почит за жртвите. На 3 мај 2023 година, девет ученици и еден училишен чувар беа убиени од малолетен ученик од тоа училиште, а беа ранeти пет ученици и еден наставник.

Српскиот премиер Ѓуро Мацут, заедно со неколку министри, им оддаде почит на жртвите. За време на оддавањето почит, од зграда во близина била фрлена петарда, по што полицијата веднаш спроведе истрага.

Малолетникот сторител на масовното убиство не може да биде суден бидејќи во тоа време имал помалку од 14 години. Постапката се води против неговите родители. Во тек е повторно судење пред Вишиот суд во Белград, откако Апелациониот суд ја поништи првостепената пресуда со која тие беа осудени на неколку години затвор.

Ден по масовното убиство во училиштето во Белград, на 4 мај 2023 година, Урош Блажиќ, кој тогаш имал 21 година, уби девет и рани тринаесет, претежно млади луѓе, во селата Мало Орашје и Дубона во близина на Младеновац.

Во Србија, 3 и 4 мај се одбележуваат како Денови на сеќавање на жртвите на масовните убиства. Амбасадорот на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, изрази солидарност од ЕУ по повод годишнината, а од 4 до 8 мај низ училиштата во Србија се одбележува Неделата на сеќавање и единство.