Владата и Министерството за здравство разгледуваат три опции за идниот Клинички центар, еден од клучните проекти во првата фаза на здравствената реформа, изјави министерот за здравство Азер Алиу во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, на маса се три можности: реконструкција и модернизација на постојниот клинички кампус, изградба на сосема нов центар на нова локација, или преместување на целиот комплекс на просторот кај ГОБ „8 Септември“.
„Конечната одлука,“ истакна Алиу, „треба да биде донесена во зависност од препораките на експертите“. Тие ќе треба да ги проценат инфраструктурните можности, пристапноста и флексибилноста на системот кој ќе ги обедини административните, клиничките и академските функции на идниот здравствен комплекс.
Министерот нагласи дека проектот е сè уште во рана фаза на планирање, со посебно внимание на врската меѓу Клиничкиот центар и Медицинскиот факултет.
„Знаете дека Клиничкиот центар е блиску поврзан со факултетот заради тој ‘рисрч’ ориентиран момент. Така што сме претпазливи кога ќе се креира новиот Клинички центар да не трпи ниедна од овие три гранки,“ рече Алиу.
Во однос на британскиот договор вреден 205 милиони евра, министерот објасни дека средствата ќе се насочат кон изградба и реконструкција на здравствени објекти низ државата.
Во Кичево ќе се гради нова болничка зграда поради застарената инфраструктура на постојната, во Тетово ќе се обнови целиот кампус, а во Штип ќе се изгради нов објект за Медицинскиот факултет и ќе се модернизираат постојните капацитети.
По оваа етапа ќе следи втора фаза — анализа на останатите регионални здравствени центри, со цел децентрализација и подобра распределба на здравствените услуги низ земјата. Министерството веќе работи на мапирање на инфраструктурата и човечките ресурси, за воспоставување регионални институции кои ефикасно ќе ги покриваат потребите на населението во своите области.
