Позитивни трендови во трговската размена
Согласно податоците на Државниот завод за статистика за 2025 година, извозот на земјоделски производи достигна 416,7 милиони евра, што е зголемување од околу 85 милиони евра во споредба со 2024 година, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Тој додаде дека, и покрај одредени промени во увозот, земјата има значителна позитивна разлика во трговската размена.
„Ако говориме за увоз на земјоделски производи, во 2024 година бил околу 177 милиони евра, додека во 2025 година бил околу 202 милиони евра. Имаме благ пораст, но ако се зеде делот со извоз и увоз, имаме позитива од околу 215 милиони евра“, нагласи министерот.
Примарното земјоделско производство и откупот на производи
Министерот Трипуновски потенцираше дека секторот на примарно земјоделско производство има клучна улога во вкупниот извоз.
„Ако извозот на прехранбени производи е околу 414 милиони евра, а извозот на земјоделски производи е 416 милиони евра, тоа значи дека како сектор на примарни земјоделски производи сме на прво место по извоз“, истакна тој.
Тој исто така посочи дека позитивните трендови се забележуваат и во делот на откупот и продажбата на земјоделски производи.
„Имаме сериозен раст во делот на откуп и продажба согласно податоците на Државниот завод за статистика. Во делот на инпутите имаме намалување, додека кај аутпутите имаме зголемување. Во четвртото тромесечие откупот и продажбата на земјоделски производи достигнале 12,5 милијарди денари“, нагласи министерот Трипуновски.
Поддршка на домашното производство
Владата, заедно со Министерството за земјоделство, продолжува со политики и мерки насочени кон зголемување на домашното производство и зајакнување на конкурентноста на македонските земјоделски производи.
