Три лица се загинати, а уште три други се повредени ноќеска во сообраќајна несреќа на автопатот „Ибрахим Ругова“ во близина на Призрен, пренесуваат косовските медиуми.
До несреќата дошло кога автомобил, кој учествувал во нелегална трка на автопатот, ја загубил контролата и завршил во публиката.
Во полицискиот извештај за случајот е наведено дека тројцата загинати, кои се на возраст од околу 20 години и се од Ѓаковица, биле удрени од автомобил кој изгубил контрола додека тие следеле нелегална трка на автомобили на автопат.
„На автопатот ‘Ибрахим Ругова’ во 22:45 осомничениот Косовец, возејќи по автопатот, изгубил контрола над автомобилот и како резултат на тоа удрил во три машки лица. Како резултат на тоа, тие го загубиле животот, додека други тројца се здобиле со повреди и биле испратени на лекарска помош. На местото на настанот излезе и јавен обвинител кој, по констатираната смрт од лекарски тим, даде наредба телата да се испратат на обдукција. По наредба на обвинител, осомничениот е приведен. Увид во врска со оваа несреќа се врши од страна на надлежните полициски единици“, се наведува во полицискиот извештај пренесен од косовските медиуми.
Медиумот Репортери.нет објави и снимка на која се гледа брзото возење на автомобилот, а потоа се слуша звукот на сопирачките и ударот.