Како што беше најавено деновиве, градот Скопје започнува со активности околу подготовка на Градска стратегија за безбеден сообраќај, пренесува СкопјеИнфо.

– Доста е со премолчување на сообраќајниот хаос. Нашата цел не е само „подобар“ град, туку сигурен дом. Кацигата не смее да стане дел од училишниот прибор. Скопје не е патека за „Слалом Опен“. Тротоарите не се паркинзи за џипови, вели претседателот на Советот на Град Скопје Даме Димитровски.

Тој е на став дека скопјани не бараат спектакуларни формули. Бараат практични решенија за секојдневните предизвици.

– Како претседател на Советот, професор и родител, ја поставувам безбедноста како еден од деветте столбови за развиено Скопје. Ја започнуваме имплементацијата на новата градска стратегија „Визија Нула“ за периодот 2026–2030. Ова е повеќегодишен план со конкретни активности кои воведуваат меѓународни стандарди за безбедност на нашите улици, вели Димитровски и ги сподели клучните столбови на стратегијата:

НУЛА ДЕЦА ЖРТВИ – Ова е нашиот единствен прифатлив резултат. Преку програмата „Safe to School“ обезбедуваме физички заштитени и осветлени коридори до секое училиште и градинка. Патот до знаењето не смее да биде опасност.

ТРОТОАРОТ Е ЗА ПЕШАКОТ. ТОЧКА – Ставаме стоп на узурпацијата на јавниот простор. Пешачките зони ќе бидат ослободени и проодни.

ЗОНА 30 ВО СЕКОЕ МААЛО – Го намалуваме темпото таму каде што се живее и каде што децата си играат.

ПАМЕТЕН НАДЗОР И ПРЕВЕНЦИЈА – Воведуваме технологија која не простува на дивеењето по улиците. Спасувањето животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција за воопшто да не дојде до несреќите.

Не прифаќаме изговори дека „ова е Скопје и така се вози“. Тоа е само лош параван за неодговорност. Ова е Скопје какво што го сакаме. Град каде безбедноста е право, а не луксуз.  Од страв на улица до сигурност за сите. За Скопје кое конечно се грижи, дециден е претседателот на Советот на Град Скопје.

Во меѓувреме, како главна алатка која градот ја презема за Градска стратегија за безбеден сообраќај е „Сејф Сити“.