Шестмина вработени во фирма во трговско-индустриската зона во Штип пријавиле труење со храна. Пријавите биле доставени на 8 јули до Одделението за епидемиологија и социјални услуги при Центарот за јавно здравје.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека стручни екипи излегле на увид во објектот на операторот со храна. Таму бил извршен разговор со одговорните лица, а биле дадени и препораки и мерки за постапување.

Наложено било генерално механичко чистење на просториите. Направени се и санитарни прегледи на вработените, а земени се мостри за микробиолошка анализа и брисеви од работните површини.

Контролите биле извршени и во фирмата каде што се консумирала храната и кај операторот што ја снабдувал фирмата со храна.

Од Центарот велат дека до добивањето на резултатите ќе се следи состојбата на веќе заболените лица, како и начинот на спроведување на препорачаните мерки.

Доколку се појават нови случаи на труење, ќе бидат преземени дополнителни мерки согласно законската регулатива.

Станува збор за вработени во една од првите фирми во штипската ТИР зона. Операторот со храна е лоциран во кругот на поранешниот комбинат „Македонка“ во Штип.