Премиерот Христијан Мицкоски од Гевгелија порача дека Владата ќе продолжи со силна поддршка на локалните самоуправи и најави нови средства за капитални проекти во општините.
„Немам јас што да додадам на тоа што е веќе кажано од претходните говорници, можам само да посакам уште многу вакви проекти во периодот којшто следи да реализираме“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата ги поддржува општините низ цела Македонија, без разлика на нивната партиска припадност.
„Убеден сум дека ќе ги реализираме бидејќи овде во Гевгелија, како впрочем и низ цела Македонија, имаме амбициозна локална самоуправа без разлика на партиската припадност. Ние како Влада ги поддржуваме општините насекаде, низ цела држава“, рече Мицкоски.
Според него, досега Владата има издвоено околу половина милијарда евра за повеќе од 1.200 проекти кои се завршени, се реализираат или се во почетна фаза.

Мицкоски очекува до крајот на годината да биде завршен и проектот во Гевгелија, финансиран преку средствата од централниот буџет наменети за општините.
„Очекувам до крајот на годината овој проект да биде завршен од децентрализираните средства, од централниот буџет кон општините, и веќе во следната година да размислуваме за нови средства коишто ќе ги одвоиме за општините, за реализирање на капитални инвестиции коишто имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните“, додаде премиерот.

Тој упати честитки до градоначалникот на Гевгелија за, како што рече, инспиративната работа, но и до советниците, општинската администрација, пратеничката од Гевгелија и членовите на Владата кои учествуваат во реализацијата на проектите.
„Без тимска работа реализирањето на вакви проекти е невозможно. Уште еднаш нека ни е со среќа и нека ни се множат вакви проекти“, порача Мицкоски.
