Реорганизација на депонијата „Дрисла“ и создавање рециклажен центар ќе бидат еден од главните фокуси на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во наредната година. Скопскиот градоначалник нагласи дека за реализација на проектот разговарал и со претседателот на Владата, а како опција се разгледува јавно-приватно партнерство.
-Јас веќе сум при крајот на првата година од мојот мандат. Она што ми е сериозен фокус за наредната година е депонијата „Дрисла“, која според мене, но и според нашите сограѓани, не ги задоволува стандардите за тоа како треба да изгледа една современа депонија – изјави Ѓорѓиевски.
Како пример за тоа како треба да биде уредена „Дрисла“, Ѓорѓиевски го посочи системот во Љубљана.
-Фасциниран сум од системот во Љубљана и од тоа како е уредено таму. Разговаравме во неколку наврати со претседателот на Владата околу обезбедување средства за реорганизација на депонијата „Дрисла“ и создавање рециклажен центар таму – рече Ѓорѓиевски.
Според него, идејата е со преработката на отпадот да се создаваат енергенси, односно гориво што Град Скопје би можел да го продава и на тој начин да остварува приходи.
Доколку не бидат обезбедени средства за проектот, Ѓорѓиевски најави дека следна опција ќе биде јавно-приватно партнерство.
-Доколку не обезбедиме средства, а тоа сум го кажал и во кампањата, тогаш ќе преминеме кон чекорот на јавно-приватно партнерство. Нема да бидам градоначалник кој на крајот на својот мандат ќе им каже на граѓаните: „Повторно не успеавме во овие четири години“ – рече Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека Скопје треба да се стреми кон современи начини на управување и преработка на отпадот.
-Имам одговорност пред скопјани и тие заслужуваат да се стремиме кон современи механизми и начини на функционирање и преработка на отпадот – потенцира градоначалникот Ѓорѓиевски.
