Првото тајно гласање не донесе нов поглавар на Римокатоличката црква
Црн чад се издигна вечерва од оџакот на Сикстинската капела во Ватикан. Ова сигнализира дека првото гласање на кардиналите во конклавата заврши без избор на нов папа.
Оваа симболична порака, што ја следеа илјадници верници на плоштадот „Свети Петар“, означи дека 133-те кардинали-избирачи не постигнале двотретинско мнозинство потребно за избор. Како и во претходните конклави, настанот беше исполнет со традиции, ритуали и молитви.
Долг процес со строги правила
Првото гласање започна попладнево, но исходот беше објавен дури по повеќе од три часа. Значително подолго отколку во 2013 година, кога папата Франциск беше избран за само еден час помалку. Историски гледано, избор на папа уште во првиот ден ретко се случува.
Кардиналите ноќта ќе ја минат во ватиканските гостински куќи. Ќе продолжат со неформални разговори пред утринското враќање во капелата. Во наредните денови се очекуваат по два круга гласања дневно. Наутро и попладне – сè додека некој кандидат не добие поддршка од најмалку 89 кардинали.
Само чадот зборува
Според строгите правила на конклавата, единствената комуникација со надворешниот свет останува чадот од оџакот на капелата: црн за неуспешно гласање и бел за избор на нов папа. Гласачките ливчиња се палат со хемикалии кои создаваат соодветна боја на чадот.
Очекувања за новиот папа
Кардиналите се надеваат на избор најдоцна до петок, што би го демонстрирало единството во Црквата по 12-годишното водство на папата Франциск, кој почина минатиот месец. Модерните конклави ретко траат повеќе од неколку дена – онаа од 2013 година, како и таа во 2005 година, завршија за два дена.
Извор: Миа