Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани преку Единствениот број за итни повици 112 поради силното невреме што попладнево го зафати Скопје, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
Невремето проследено со силен ветер предизвика повеќе штети низ главниот град, при што се пријавени паднати кровни конструкции, дрвја и оштетени возила.
Во Скопје е регистрирана падната кровна конструкција од зграда на улицата „Женевска“ број 10, при што биле оштетени повеќе патнички возила. Пријавено е и паднато дрво врз моторно возило на улицата „Методија Митевски“, како и паднати дрвја на улицата „Никола Тримпаре“ и падната кровна конструкција на улицата „Трифун Бузев“.
Дополнително, пријавено е дека дел од кровната конструкција на Основното училиште „Владо Тасевски“ бил откорнат од силниот ветер. На улицата „Хелсинки“ број 5 се евидентирани две паднати дрвја, додека на улицата „Скупи“ број 89 паднатите дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.
Последици од невремето се регистрирани и во Куманово, каде што е пријавена падната кровна конструкција на булеварот „Октомвриска револуција“.
Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи се известени надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето.
