Турски воени авиони нападнале позиции на курдската милиција, вклучително и кампови за обука, засолништа и складишта за муниција во Ирак и северна Сирија.

Турското Министерство за одбрана соопшти дека авионите што учествувале во нападот на областите Дерик, Синчар и Карачак, по завршувањето на задачата се вратиле во своите бази.

Британските медиуми јавуваат дека нема податоци за жртви и материјална штета предизвикана во овие напади на турските воздухопловни сили.

Турскиот министер за одбрана, Хуласи Акер, за ДПА изјави дека во операцијата „целосно се уништени засолништата, гнездата, пештерите на терористите“.

Според него, слични рации ќе продолжат „до неутрализирање на последниот терорист“.

Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека воздушната операција била насочена кон единиците на Курдската работничка партија (ПКК), која има бази во Ирак, како и врз Сириската курдска милиција ИПГ, која Турција ја смета за терористичка организација.