Лидерите на 32 земји ќе се соберат на 7 и 8 јули, а безбедносните мерки ќе бидат на највисоко ниво

Турција воведе засилени безбедносни мерки во пресрет на самитот на НАТО, кој на 7 и 8 јули ќе се одржи во Анкара. За обезбедување на настанот ќе бидат ангажирани десетици илјади полицајци, противвоздушната одбрана е ставена во состојба на висока подготвеност, а властите воведоа и забрана за јавни собири, како и ограничувања поврзани со слободата на изразување и здружување.

На самитот се очекува да присуствуваат лидерите на сите 32 земји-членки на Алијансата, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп. Средбата доаѓа во период кога неговите најави за можно повлекување на САД од НАТО и намалување на американското воено присуство во Европа отворија прашања за идната улога на Вашингтон во Алијансата.

За потребите на самитот, Турција подготви и нов ВИП-аеродром, адаптиран од поранешен воен аеродром, кој ќе биде наменет за прием на шефовите на држави и влади.

Во фокусот ќе бидат трошоците за одбрана и односите меѓу САД и Европа

Главните теми на состанокот ќе бидат зголемувањето на издвојувањата за одбрана и идната улога на САД во НАТО. Посебен акцент ќе биде ставен на зачувувањето на единството меѓу сојузниците, откако Трамп претходно ги критикуваше европските партнери дека не ја поддржале американската воена акција против Иран и напорите за повторно отворање на Ормутскиот Теснец.

„Важен аспект на состанокот е до кој степен раздорот меѓу САД и Европа може да биде надминат или намален за време на самитот“, изјави Фатих Џејлан, поранешен амбасадор на Турција во НАТО и аналитичар во Центарот за политики „Анкара“.

„Не треба да очекуваме чуда, но сепак постои усогласување на идеите за нагласување на важноста на НАТО, што треба да се гледа како успех“, додаде тој.

Да не беше Ердоган домаќин, веројатно немаше да дојдам

Според аналитичарите, улогата на Турција како домаќин придонела Доналд Трамп да ја потврди својата посета на самитот, имајќи ги предвид неговите блиски односи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Па, да не се одржуваше во Турција од страна на претседателот Ердоган, не верувам дека ќе одев на него“, им изјави Трамп на новинарите по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа.

Во пресрет на самитот, Ердоган изјави дека Турција останува доверлив сојузник кој континуирано презема одговорност на југоисточното крило на НАТО и дека ќе продолжи да има значајна улога во Алијансата.

Тој нагласи дека Анкара работи самитот да стане една од најзначајните средби во историјата на НАТО.

Турција е членка на НАТО од 1952 година. Таа располага со втората по големина армија во Алијансата, веднаш по САД, има развиена одбранбена индустрија и стратешка позиција меѓу Европа, Блискиот Исток, Црното Море и Кавказ.