Забрана и обврска за проверка на возраста

Турскиот парламент донесе законски измени со кои значително се ограничува пристапот на малолетници до социјалните мрежи, како дел од мерки за поголема дигитална безбедност.

Со новата регулатива, на лица под 15 години им се забранува отворање профили на социјални платформи, додека компаниите ќе мора да воведат системи за проверка на возраста.

Родителски алатки и контрола на онлајн активности

Социјалните мрежи ќе бидат обврзани да понудат едноставни и достапни алатки за родителски надзор, со кои ќе може да се контролира користењето на профилите.

Овие алатки опфаќаат одобрување за онлајн плаќања, купувања, претплати и ограничување на времето поминато на платформите, јави ТРТ.

Мерки против измами и нови обврски за платформите

Давателите на услуги ќе мора да преземат дополнителни мерки за спречување измамничко рекламирање.

Исто така, странските платформи за онлајн игри со над 100.000 дневни корисници од Турција ќе треба да назначат официјален претставник во земјата заради подобра примена на правилата и усогласеност со законите.