Уставните измени кои и натаму висат како Дамоклов меч над евроинтеграцискиот процес на земјава се чини немаат поддршка не само од ВМРО-ДПМНЕ кои јавно се изјаснија дека ќе гласаат против, туку и од големиот процент на граѓаните. Ова го покажа последното истражување спроведено од Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер во кое голем процент од испитаниците се изјасниле дека се против внесувањето на Бугарите во Уставот. Како со ова ќе се справи Владата засега се уште нема конкретен план со самиот факт што до крајниот рок за гласање на уставните измени има уште неполни 8 месеци а најавената јавна дебата досега не почнала.

„Уставните измени не се туркаат и не се протуркуваат туку уставните измени се гласаат во Собранието на Република Северна Македонија. Треба да изградиме широк општествен, национален и политички консензус во однос на тоа дека овие прашања се за иднината на државата. Бидејќи, ќе се навратам повторно на анкетата, нашите граѓани сакаат да живеат по европски стандард, заслужуваат да живеат по европски стандард а тоа се прави во земја членка на Европската унија“, вели Димитар Ковачевски.

Но широк политички консензус за ова прашање нема. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека со последното истражување се покажува дека уставните измени не се приоритет за граѓаните. За најавите дека сите политички чинители ќе бидат повикани како дел од консултациите Мицкоски вели дека нема да прифати да биде дел од овој процес.

„Ако вие ги прашате граѓаните кои се вашите приоритети тие ќе ви набројат најмалку 15 други приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени никој нема ни да ги спомене, бидејќи тие не се ни приоритет, не се ни проблем, бидејќи тоа не постои, во очите на луѓето не постои, Граѓаните се јасни, но исто така се јасни, Да, сакаат европски пат како што сите други европски граѓани го одеа. Е таков европски пат сакаат, без билатерални, прашања без услови, без ултиматуми“, додаде Христијан Мицкоски. 

Во анкетата што ја спроведоа Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер дури 80 проценти од Македонците односно 65 проценти од вкупниот број испитаници се против условот Бугарите да бидат внесени во Уставот. Истовремено 59 проценти од симпатизерите на СДСМ се против изјасниле против вметнување на Бугарите во Уставот додека од опозициската ВМРО–ДПМНЕ дури 89 проценти се против овој услов.