Врховниот суд за борба против корупцијата во Украина му изрече превентивна мерка – притвор на поранешниот шеф на претседателската администрација на Володимир Зеленски, Андриј Јермак, со можност да плати кауција од 140 милиони гривни – објави „Укринформ“ повикувајќи се на судијата Виктор Ногачевски.

Судијата Ногачевски, пренесува ДПА, денеска пресуди дека Јермак треба да остане во притвор како почетен период од 60 дена, со можност за ослободување со кауција.

Јермак се соочува со обвиненија за перење пари. Тој и пет други осомничени се обвинети дека се дел од организирана група, која наводно испрала речиси девет милиони евра (10,6 милиони долари) поврзани со луксузен градежен проект во близина на Киев, појаснува ДПА.

Јермак категорично ги негира обвинувањата изјавувајќи дека нема финансиски средства да ја плати кауцијата, која е еквивалентна на 2,72 милиони евра.

Тој поднесе оставка на функцијата кон крајот на ноември минатата година поради корупциски скандал по претресите на неговиот дом. Тој беше долгогодишен најдоверлив човек на украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја водеше претседателската канцеларија од 2020 година.

Јермак во Украина и странство се сметаше за втор најмоќен човек во Украина.

Доколку кауцијата биде платена, на Јермак ќе му бидат доделени голем број обврски: да се појави на секое барање на истражителот, детективот, обвинителот и судот; да го извести истражителот, инспекторот, обвинителот или судот за каква било промена на местото на живеење и местото на работа; да не го напушта Киев без дозвола на истражителот, обвинителот и судот; да ги предаде своите документи за патување во странство на надлежните органи; да носи електронски уред за следење.

Дополнително, доколку се плати кауцијата, поранешниот шеф на претседателската администрација ќе мора да се воздржи од комуникација со голем број осомничени во случајот, особено со поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов и бизнисменот Тимур Миндич, како и со голем број сведоци.