Триесет и едногодишен турски државјанин, баран со меѓународна потерница поради сомнение за вмешаност во убиство во Македонија, е уапсен на граничниот премин Морина, на границата меѓу Албанија и Косово. По неговото лишување од слобода, албанските надлежни органи веднаш започнале постапка за негова екстрадиција во земјава.

Според информациите објавени од албанските медиуми, уапсеното лице е идентификувано со иницијали Б. К. Тој бил откриен и приведен од страна на припадниците на граничната полиција во Морина, во директна координација со Интерпол Тирана.

За време на деталната проверка на неговите лични податоци било утврдено дека македонските правосудни органи имаат распишано меѓународна потерница поради сомнение за негово учество во кривично дело убиство. Потрагата по лицето била официјално покрената врз основа на наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје на 27 октомври годинава.

Веднаш по апсењето, случајот го презеле истражителите од одделот за тешки кривични дела при Полициската управа во Кукс, кои ги започнале соодветните законски процедури за екстрадиција. Албанската канцеларија на Интерпол, во координација со македонските институции, ја води целосната постапка со цел осомничениот да им биде предаден на домашните правосудни органи.

Засега нема официјална потврда дали уапсениот е еден од тројцата осомничени за убиството извршено во зграда на улицата Прашка во Скопје, за кои претходно Обвинителството соопшти дека по извршувањето на делото побегнале на територијата на Косово.