Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против четири лица осомничени за продолжено кривично дело – тешка кражба, согласно член 236 став 3 во врска со став 1 точка 2 и во врска со член 45 на Кривичниот законик.

Според обвинителството, четворицата подолг временски период – од април до септември годинава извршиле повеќе тешки кражби во села на подрачјето на Општина Боговиње, при што провалиле во над 10 куќи од каде одзеле пари, златен накит и разни видови огнено оружје кое сопствениците го поседувале со дозвола.

При една од кражбите во селото Палчиште успеале од домот на оштетениот да извлечат сеф тежок околу 400 килограми. Вкупната вредност на украдените предмети до овој момент се проценува на приближно 15.000.000 денари.

Јавниот обвинител интензивно постапува за обезбедување докази за сите настани.

Во меѓувреме, по предлог на обвинителството, на двајца од осомничените им е определен краткотраен притвор од 48 часа до целосно обезбедување на доказите, додека по двајца се трага и ним притворот ќе им се смета од нивното пронаоѓање и лишување од слобода.

Од МВР утрово информираат дека на 19.09.2026 во 16:55 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за општ и насилен криминал, ги лишиле од слобода С.У.(26) од с.Долно Палчиште и А.Е.(34) од с.Липково, општина Липково, поради сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“ по член 235 и член 236 од Кривичниот законик.

Од лицето А.Е. е одземено патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, а на неколку локации на подрачјето на с.Камењане и с.Палчиште пронајдени се и одземени ловечка пушка и ловечки карабин, како и поголема количина на муниција и патрони од различен калибар и повеќе предмети кои потекнуваат од кривичните дела.

Истиот ден, во 18:50 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во дом и помошни простории кај Б.У. (26) во с.Долно Палчиште, по што и тој бил лишен од слобода.

Во продолжение на активностите, на 20.09.2026 во 02:20 часот во Полициска станица Тетово е задржан и А.А.(34) од с.Отља, липковско, претходно лишен од полициски службеници од СВР Куманово, при што од него било одземено патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки.

Сите лица се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.