Интер демонстрираше сила против составот на Џенова и забележа убедлива победа од 4-0 на домашен терен, во рамките на 13. коло во италијанската Серија А.

Домаќините од самиот почеток целосно ја контролираа играта на теренот, а прашањето околу победникот практично го решија уште во текот на првото полувреме. Во 29. минута Лаутаро Мартинез ја искористи одличната асистенција и со прецизен удар во долниот лев агол донесе почетно водство за својот тим. Маркус Турам во 40. минута ја удвои предноста, додека во самиот финиш на првиот дел Интер доби пенал по прегледот со ВАР-технологијата.

Одговорноста за изведување на најстрогата казна ја презеде Петар Сучиќ, кој во третата минута од судиското продолжение беше прецизен од белата точка и зголеми на убедливи 3-0.

Во второто полувреме домашниот состав постигна уште еден погодок во мрежата на гостите. Маркус Турам во 54. минута најдобро реагираше на една одбиена топка во противничкиот шеснаесетник и ги постави конечните 4-0.

Фудбалерите на Интер рутински го приведоа натпреварот до самиот крај и запишаа нови три бода на своето конто. Со овој триумф тимот се наоѓа на второто место на првенствената табела со вкупно 32 освоени бода, што е за три помалку од лидерот Лацио.