Сè поголем број училишта во Македонија воведуваат забрана за користење мобилни телефони за време на наставата, а учениците во дел од нив ги оставаат уредите на посебно определено место пред почетокот на часовите. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, истакна дека иако процесот е децентрализиран, според нејзините информации, бројот на училишта што ја применуваат оваа практика постојано расте.

Јаневска објасни дека одредени училишта веќе самостојно одлучиле да го ограничат присуството на мобилните телефони во наставниот процес. Во некои од нив учениците пред почетокот на часовите ги оставаат телефоните на соодветно место и немаат право да ги користат во текот на наставата.

„Тоа е децентрализирано решение. Што се однесува до централно ниво, државата, односно Министерството, само може да предложи“, рече министерката.

Таа посочи дека ограничувањето на телефоните во училиштата не е единствено решение за проблемот, бидејќи децата ги користат мобилните уреди и надвор од наставата, а пристапот до социјалните мрежи често го имаат уште од најмала возраст, со согласност и поддршка од родителите.

„Телефоните им ги купуваат родителите, ние може да забраниме за училиште, но децата ги користат попладне. Профилите на социјалните мрежи на малолетните деца родителите им ги отвораат“, посочи Јаневска.

Министерката нагласи дека истражувањата покажуваат оти прекумерната употреба на мобилните телефони има негативно влијание врз концентрацијата на учениците и им го одвлекува вниманието од наставата.

Во таа насока, Министерството работи и на подобрување на техничките услови во училиштата, со цел учениците да имаат пристап до потребните дигитални алатки без да мораат да ги користат сопствените мобилни телефони.

Јаневска информираше дека во повеќе од 160 училишта е инсталирана мрежна инфраструктура со безжичен интернет, при што пристапот до одредени веб-страници е ограничен.

„Се обидуваме максимално да ги опремиме училиштата со интернет, компјутери, паметни табли, за да нема изговор дека им требаат телефоните на децата“, истакна министерката.

Таа повтори дека одлуките за забрана на мобилните телефони засега се носат на ниво на самите училишта, но според информациите со кои располага, сè повеќе образовни установи се одлучуваат на ваков чекор, со цел да се подобрат концентрацијата и условите за следење на наставата.