Стотици просветни работници кои бараат повисоки плати и подобри услови за работа денеска се собраа пред Собранието и во Пионерскиот парк во Белград, додека основните и средните училишта во Чачак и Горњи Милановац целосно ја прекинаа наставата, како дел од претходно најавениот штрајк на воспитувачите, пренесува Ал Џазира Балканс, пренесува МОФ.
Сообраќајот во тој дел на Белград се’ уште не е затворен, но забележливо е дека реки од народ доаѓаат од сите околни улици кон платото пред Собранието. Камион со озвучување е поставен пред Собранието, од каде се планирани говори на синдикални активисти. Најавено е дека просветните работници наскоро ќе започнат протестен марш до Владата на Србија.
Синдикалците го најавија денешниот протест бидејќи понудата на Владата на Србија за зголемување на платите ја сметаат за „недостојна за професијата со која се занимаваат“. Понудата на Владата е за сите вработени во системот на предучилишно, основно, средно и високо образование да им се зголемат платите за 11% од 1 јануари 2025 година.
Исто така, најавено е дека сите, со исклучок на вработените во високообразовните институции, до 9 јануари 2025 година ќе добијат еднократна парична помош од 15.000 динари (околу 125,50 евра), како и дека хонорарот за класните наставници ќе биде дополнително зголемен од 1 јануари за 1%.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ и министерката за образование Славица Ѓукиќ-Дејановиќ изјавија дека ова е последната понуда и дека преговорите со синдикатите ќе можат да продолжат само доколку ја прифатат.
Претходната понуда на актуелната Влада беше зголемување на платите на наставниот кадар за 12%, а на останатите кои работат во образованието за 8%, што синдикатите не го прифатија.
Репрезентативните синдикати наведуваат дека не прифаќаат ниту една од тие понуди, бидејќи Владата на минатогодишните преговори им дала писмено ветување дека од почетокот на оваа учебна година платите на просветните работници ќе бидат еднакви на републичкиот просек.
„Понудата на српската Влада ја сметаме за недостојна за професијата што ја вршиме. Ги повикуваме вработените во училиштата и родителите да ги поддржат нашите акции“, се вели во соопштението на репрезентативните синдикати.
Тие претходно најавија дека во текот на ноември ќе се организираат „серија штрајкови“ во училиштата низ Србија.
Претставничките образовни синдикати – Унијата на синдикатите на просветните работници на Србија, Просветниот синдикат на Србија, гранскиот синдикат „Независност“ и Синдикатот на просветните работници на Србија, во септември и октомври организираа протести во Белград и во неколку градови во Србија, како и штрајкови во училиштата, незадоволни со претходниот договор со Владата.