Уставниот суд утврди противуставност и донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура, како и на Колективниот договор во целина. Одлуката ќе стапи во сила од 1 април 2027 година, до кога социјалните партнери треба да подготват нов и законски издржан колективен договор за вработените во културниот сектор.
Судиите зазедоа став дека во Колективниот договор и во Законот за култура целосно недостига методологија за пресметка на платите. Според нивното образложение, таа рамка мора првично да биде дефинирана како законска основа, а потоа да биде прецизирана и доразработена во колективниот договор.
Во претстојниот период од пет месеци социјалните партнери ќе треба да го продолжат преговарачкиот процес за склучување нов колективен договор, додека Собранието има задача да ги изгласа потребните измени и дополнувања на Законот за култура.
„Мнозинството судии оценија дека е потребно да дадеме одложен рок на правниот ефект на нашата одлука затоа што сме свесни за последиците што ќе настапат доколку донесовме веднаш одлука и веднаш ја објавевме во Службен весник. На овој начин ние, во суштина, оставаме простор од безмалку пет месеци засегнатите страни, значи партнерите во социјалниот дијалог, Министерството за култура, синдикатите да седнат и да работат на нов колективен договор и притоа да ги имаат правните стојалишта од нашата одлука“, соопшти Костадиновски.
Коментирајќи ги реакциите и незадоволството на културните работници кои протестираа пред судската зграда, претседателот на Судот истакна дека институцијата го разбира револтот, но останува доследна на заштитата на уставниот поредок без оглед на реакциите во јавноста.
„Но, нашата работа не е да носиме одлуки кои се популарни или допадливи за некого, нашата работа е да го чуваме уставниот систем, состојбата на уставноста дури и некогаш кога последиците од нашите одлуки се, во најмала рака, болни“, истакна Костадиновски.
Судијата известител Татјана Васиќ-Бозаџиева посочи дека Собранието мора да преземе навремени чекори за законски измени во делот што е поништен од страна на судот.
„Потребно е во Законот за култура да се утврди методологијата за пресметка на платите, она што е, всушност, стандард за службениците односно вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги и културните работници, односно работниците во установите од областа на културата. Па, оттука, нашата одлука се однесува и на обврската на законодавниот дом, како и на понатамошно течење на колективното преговарање, односно социјалниот дијалог меѓу социјалните партнери“, рече Васиќ-Бозаџиева.
Таа појасни дека е неопходно да се направи систематизација на сите работни места, поврзувајќи ги со соодветен степен на сложеност и коефициенти кои директно ќе произлегуваат од законскиот текст, бидејќи досегашната формулација не содржела никаква јасна пресметковна формула.
„Начинот на којшто сега е поставен членот 78-љ не дава основа и не дава никаква методологија за пресметка на плати. Во цитат кажано, гласи дека основната плата и додатоците на плати на даватели на услуги ги утврдува основачот на установата, а има многу, има безброј основачи на установите од областа на културата, со општ акт, во согласност со прописите од работните односи. Така гласи формулацијата“, додаде судијата.
Постапката за овој предмет била поведена на 8 април, по што сите засегнати страни имале доволен временски интервал за реакција, што според судот е значајно подолг период од вообичаената пракса.
„Поради свесноста токму од последиците што ќе настапат од донесената одлука, оставивме простор социјалните партнери да го водат колективното преговарање. Дадовме доволно време досега и отсега имаат уште пет месеци на располагање“, додаде Васиќ-Бозаџиева.
Колективниот договор за вработените во културата започна со примена во 2020 година, додека Законот за култура во текот на годините помина низ бројни измени и дополнувања.
