Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември 2026 година, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии. Случајот веднаш е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага.

„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени“, соопштија од Скопската бискупија.

Скопската бискупија упати јавен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа украдениот предмет, а особено Пресветата Причест, да овозможат негово враќање што е можно побрзо.

„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, наведуваат црковните власти.

Од бискупијата истовремено ги повикуваат сите граѓани кои располагаат со каква било корисна информација да се обратат до надлежните полициски органи. Верниците се повикани да се соединат во заедничка молитва за пронаоѓање и враќање на светиот предмет, изразувајќи порака настанот да послужи како поттик за поголема почит кон светоста.