Хали Бери поднесе барање до судот во Лос Анџелес со кое бара повторно воспоставување на претходниот распоред за заедничко старателство над нејзиниот 13-годишен син Масио, кого го дели со поранешниот сопруг Оливие Мартинез. Во поднесокот доставен на 23 ноември, познатата актерка предложи враќање на договорот од август 2023 година со поделено време, или воведување алтернативен модел каде синот би поминувал по една полна недела со секој од родителите.

Во судските документи актерката нагласува дека актуелниот режим сериозно го нарушува нејзиниот однос со детето. Бери истакнува дека Масио покажува сè поголема дистанцираност и одбива да ја прифати како авторитет, наведувајќи дека кратките средби не оставаат доволно простор за враќање на нарушената доверба и меѓусебна блискост.

Таа се повика и на заедничкиот летен одмор кога со Масио поминале шест недели, вклучително и патување на Фиџи, опишувајќи го како весел и приврзан, сè до неговото враќање кај татко му во септември. Бери наведува дека најголемиот вербален конфликт се случил на 26 септември, но веќе по два дена ситуацијата се смирила со меѓусебно извинување без натамошни инциденти.

Семејниот спор ескалираше на почетокот на октомври откако Мартинез побара итна судска забрана за приближување и целосно старателство, тврдејќи дека Бери физички го нападнала синот, што актерката категорично го демантираше објаснувајќи дека станувало збор за обична детска игра. Судот на 29 октомври ги отфрли наводите на Мартинез поради недостиг на докази, но во сила остана привремениот режим.

Актуелната одлука му доделува примарно физичко старателство на Мартинез, додека Бери има право на средби во понеделник, вторник и секој втор викенд, но исклучиво без преспивање и со обврска посетите да завршат до 20 часот. Дополнително, судот определи мајката и синот да поминат низ 12 заеднички психолошки сесии со цел стабилизирање на релациите.

Во судскиот предмет е приложена и писмена изјава од нејзиниот партнер Ван Хант, кој потврдува дека момчето станало позатворено за време на траењето на спорот, додавајќи дека лично посредувал за смирување на тензиите. Мартинез претходно изјави дека негова главна цел остануваат сигурноста и здравјето на синот. Одлуката за новото барање на Бери ќе се носи на закажаното рочиште на 17 декември.