Украина сака дел од финансиската помош што Европската Унија ја планира за следната година да биде ставен на располагање порано. Целта на Киев е средствата да помогнат во покривањето на буџетскиот дефицит, кој годинава изнесува 27 милијарди долари.
Украинскиот министер за одбрана Евгениј Хмара денеска изјави дека доколку средствата бидат доделени пред предвидениот рок, тој ќе презентира „јасен план“ и „општа визија“ за тоа како ќе се води војната.
Хмара додаде дека воениот план на Киев „треба да биде јасен за партнерите на Украина, како и за целата воена команда“.
Предвидено е Европската Унија да ѝ обезбеди на Украина вкупно 90 милијарди евра до крајот на следната година.
Покрај финансиската поддршка, Хмара говореше и за развојот на нови средства за одбрана од руските напади со беспилотни летала. Тој соопшти дека Украина тестирала четири потенцијални пресретнувачи дизајнирани за соборување на беспилотните летала „Шахед“, кои Русија сè почесто ги користи во нападите врз Украина.
„Потрагата по контрамерки против беспилотни летала продолжува. Веќе има четири потенцијални пресретнувачи кои можат да соборат Шахеди. На терен се спроведуваат тестови“, истакна Хмара.
Според него, следниот чекор е развиените решенија што е можно побрзо да се унапредат и производството да се зголеми на илјадници единици.
