Десетици илјади демонстранти маршираа во Тирана на еден од најголемите протести досега против проектот за луксузно одморалиште поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп. Притисокот врз премиерот Еди Рама достигна критична точка, откако демонстрантите му поставија ултиматум до вечерва во 19 часот да поднесе оставка, во спротивно најавуваат ескалација со окупирање владини згради.
Од крајот на мај, граѓани секоја вечер излегуваат на улиците на албанската престолнина за да се спротивстават на планираната изградба на хотелски комплекс поврзан со ќерката на Трамп, Иванка, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, на заштитен дел од брегот. Проектот, кој треба да се гради во близина на чувствителни природни подрачја, стана симбол на поширокото незадоволство поради наводна корупција, нетранспарентни договори и начинот на кој се носат одлуки за албанското крајбрежје.
Во Тирана пристигнаа Албанци од Европа и Америка, како и граѓани од Грција, Косово и од сите делови на Албанија, со авиони, автобуси и автомобили. Демонстрантите ја опколија канцеларијата на премиерот, мавтаа со албански и американски знамиња, пуштаа црвени балони и скандираа „Албанија не е на продажба“, слоган што беше проектиран и на фасадата на владината зграда. Според некои проценки, на протестот имало меѓу 100.000 и 150.000 луѓе.
Вчерашното масовно собирање беше демонстрација на сила на движењето, а денеска вниманието во Тирана е насочено кон 19 часот, кога истекува ултиматумот до Рама да ја напушти функцијата. Премиерот претходно им порача на демонстрантите дека нема да поднесе оставка и дека нема да ја откаже контроверзната инвестиција, поради што се очекува реакцијата на оние што најавуваат радикализација на протестите.
„Ние не сме против развојот на земјата; ние сме против ароганцијата и недостатокот на транспарентност околу проектите што влијаат на нашите животи“, рече Алма, студентка по природни науки.
Одморалиштето поддржано од Кушнер, заедно со друг планиран развој на блискиот остров Сазан, треба да се наоѓа во близина на важни места за размножување на птици преселници во заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, меѓу кои и јата фламинга. Токму фламингото стана симбол на граѓанската „револуција“, во која загриженоста за животната средина се спои со поширокиот гнев кон Рама и обвинувањата за нетранспарентни договори по должината на брегот.
Рама, пак, останува пркосен. На партиски состанок тој изјави дека нема да се повлече и оцени дека контроверзноста е повеќе поттикната од името на Кушнер и „сенката на Трамп“ отколку од самиот проект. Демонстрантите, од друга страна, велат дека ќе останат на улиците сè додека премиерот не поднесе оставка.
И двете страни остануваат на своите позиции, а политичките набљудувачи во Албанија засега не гледаат јасен излез од кризата. Отворено е прашањето дали демонстрантите ќе ја спроведат најавата за окупација на владините згради и парламентот, што би можело да го парализира функционирањето на владата и државниот апарат, и како ќе реагира Рама ако протестите дополнително се радикализираат.
Неизвесно е дали премиерот ќе испрати полиција да ги отстрани демонстрантите, со ризик ситуацијата да прерасне во поширок конфликт, особено откако протестите се проширија низ цела Албанија, или ќе дозволи тие да продолжат да протестираат на плоштадите со надеж дека движењето ќе се исцрпи. Илјадници Албанци од дијаспората допатуваа во земјата со порака дека бараат премин кон „нова Албанија“, но засега „фламинго револуцијата“ нема јасна политичка платформа што би покажала дека претставува алтернатива на Рама.
Истовремено, ни Рама нема видлив план за излез од кризата што не ја предвиде на почетокот, а сега не успева да ја стави под контрола. Вечерва може да биде една од најкритичните ноќи за Албанија од март 1997 година, кога избувна бунтот против Сали Бериша поради пирамидалните штедилници.

