Свое обраќање имаше Сергеј Попов, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека овогодинешната конференција преставува значаен јубилеј за сите членови, кои поминале низ УМС, кои 30 години од генерација на генерација го пренесувале аманетот, работат за Македонија, работеле и ќе работат за генерациите млади кои доаѓаат.
Попов истакна дека оваа Годишна конференција се организира во една исклучително сложена политичка ситуација во која Македонија е втурната од страна на власта.
-Проблемите кои ги создаде оваа власт се понижувачки за народот и со далекусежни последици. Ништо не им е свето, нивниот идеал е чиста кражба која се врши врз граѓаните, неодговорно работење и никаков влог за иднината. Од сето ова најголема штета претрпуваат младите кои се заглавени во мочуриштето на власта, безперспективноста и апатијата. Овие чувства кај младите луѓе се реалност и се оправдани, денес нема млад човек кој гледа иднина во Македонија. Ваквата ситуација која ја живееме сите, мораме да ја промениме. Мораме како и нашите предци неуморно да се бориме за посветла иднина, за повеќе можности, за подобар живот. Мораме да го следиме идеалот за Македонија. Младиот човек е силно разочаран, и му недостига искра за борба, a таа искра сме ние, таа искра која ќе им понуди на младите луѓе, иднина каква што заслужуваат во Република Македонија, порача претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Попов, апатијата која владее е оправдана затоа што младите биле брутално искористени од страна на актуелната власт додека била опозиција. Тој пред присутните вети дека времето на лаги и манипулации заврши.
– ВМРО нема да дозволи таков товар на себеси, никогаш ВМРО нема да дозволи манипулација со иднината на Македонија, со нас, младите, кои треба со љубов да ја водиме нашата Македонија во успеси. Не смееме да помислиме дека надежта која делумно младите ја изгубија пред извесен период е целосно потоната, затоа што овој период низ кој поминуваме сите заедно сплотени ќе не направи уште посилни, уште похрабри, ќе не претвори во вистински Македонци – решителни од секоја битка да излеземе како победници, посочи Попов.
Тој рече дека младите ја разбираат историската улога која ја имаат во моментов во Македонија која од нив бара одговорна работа, посветеност, разумни решенија и принципиелност во политичкото движење.
– Со ваквов пристап УМС има за цел да ги сочува постулатите на чесност, патриотизам и напорна работа, како основа на македонската држава, да ја победи апатијата помеѓу младите, да ги мотивира младите активно да се вклучуваат во политичките процеси, бидејќи само така иднината ќе си ја создадеме сами. Бегањето од политиката не значи избегнување на проблеми, туку оставање простор на неодговорна власт како моменталната да прави што сака со нашата татковина, рече лидерот на УМС.
Попов упати порака до политичкиот опонент, социјалдемократската младина, повикувајќи ги да не одат по патот на, како што ја нарече „пропаста кој ја трасира вашиот лидер“.
– Излезете од мантрата на понижување, која ве користи за лично богатење и опстојување на власт, утре вие ќе го носите товарот дека сте направиле штета на сопствената земја. Земја која треба да ја градиме сами со свои идеи, цели и сили. Тешката ситуација во Македонија е она кое сите нас не обединува, им порача на младите социјалдемократи Сергеј Попов.