Унгарија ја блокираше помошта од 50 милијарди евра од ЕУ за Украина, само неколку часа откако Европскиот совет одлучи да ги започне пристапните преговори со земјата.
„Резиме на вечерашната средба: вето за дополнителни пари на Украина“, напиша синоќа унгарскиот премиер Виктор Орбан на мрежата Х, по состанокот на Европскиот совет во Брисел.
„Ќе се вратиме на тоа прашање следната година по соодветна подготовка“, додаде Орбан.
Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека има уште време и дека Украина нема да остане без пари во следните неколку недели, пренесува Би-би-си. Тој изрази надеж дека договорот за помош на Украина ќе биде постигнат на почетокот на следната година, односно на крајот на јануари.
Европскиот совет вчера донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија, а на Грузија да и се додели статус на кандидат за членство во ЕУ.
Орбан претходно изјави дека Украина не ги исполнува условите за членство и дека Унгарија не може да се согласи со таа одлука, но за да дозволи да се донесе таа одлука, тој ја напушти просторијата за време на одлуката и не учествуваше во нејзиното донесување.