Уште два дена кампања за повторените локални избори во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа

Повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се одржат во недела, на 11 јануари. Дваесетдневната изборна кампања завршува на 9 јануари на полноќ, по што стапува на сила изборниот молк до затворањето на гласачките места во 19 часот на денот на изборите.

Подготвеност на изборниот процес

Од Државната изборна комисија информираат дека од организациски и технички аспект сè е подготвено за спроведување на повторените избори. Гласачките ливчиња се во фаза на печатење, а утре, заедно со апаратите за биометриска идентификација, ќе бидат дистрибуирани до Општинските изборни комисии, од каде што ќе ги преземат Избирачките одбори. Во сабота право на глас ќе имаат болните и изнемоштените лица, како и гласачите во затворите и притворите.

Кандидати и избирачки список

Во Гостивар за градоначалник се кандидираат Невзат Бејта од коалицијата Вреди и независниот кандидат Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, поддржан од Група избирачи. Во Центар Жупа има само еден кандидат – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците. Во Маврово и Ростуше во трката се Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО–ДПМНЕ, и Анес Ахмети од СДСМ.

Избирачкиот список за повтореното гласање е веќе заклучен. Во Гостивар право на глас имаат 82.870 граѓани, од кои 78.185 се постојани жители, 4.604 се во странство, а 81 лице се во затвор или притвор. Во Маврово Ростуше се запишани 10.575 гласачи, од кои 9.622 во општината, 951 во странство и двајца во затвор или притвор. Во Врапчиште право на глас имаат 27.279 граѓани, а во Центар Жупа 7.562 гласачи.

Правила за избор и причини за повторување

За избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие повеќе од половината од гласовите на излезените избирачи. Согласно Изборниот законик, на повторените избори не се применува условот за задолжителна излезност од една третина од запишаните гласачи, што важи и за Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Повторувањето на изборите следува откако на Локалните избори 2025 во овие општини не беше постигната законската излезност. Во првиот круг на 19 октомври, одѕивот во Гостивар изнесуваше 33,31 процент, во Врапчиште 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше 30,31 процент, а во Центар Жупа 21,49 процент. Ова се и последни избори што ги спроведува актуелниот состав на ДИК, чиј мандат завршува на 15 јануари.