Се поставува прашањето дали изведувачот и неговите супконтрактори, по 10 години, се во состојба да изградат такво автопатско решение. Прашање е дали самите проектантски куќи што имаат лиценци за вакви големи инфраструктурни проекти тоа го направиле на начин што ќе обезбеди брза, квалитетна и навремена изградба, рече премиерот Ковачевски
Автопатот Кичево – Охрид требаше да биде готов до крајот на годинава, но од тоа нема ништо, пренесува Слободен Печат. На терен се појавиле 11 нови свлечишта! Владата бара начин како да се доврши проектот. Се анализира дали изведувачот и супконтраторите може да го довршат овој проект, прашање е и дали проектантите заслужуваат лиценца за вакви големи инфраструктурни проекти, а истовремено, големо прашање е и што ќе донесе раскинувањето на договорот со кинеската компанија „Синохидро“, а извесно е дека во тој случај проектот ќе заврши на арбитражен суд.
На новинарско прашање дали ова значи дека ќе фрлиме 600 милиони евра во контејнер, премиерот Димитар Ковачевски вели дека „парите не одат во контејнер, затоа што голем дел од автопатот, над 75 проценти е изграден“.
– Според информациите што ги добив и по продолжувањето на градењето на автопат, по склучувањето на анексот пред неколку години, повторно на самата траса се појавиле нови 11 свлечишта и тие не овозможуваат да се доврши автопатот. Тоа е нешто што мора да се исправи. Но, истовремено се поставува прашањето дали тој изведувач и неговите супконтрактори, по 10 години, се во состојба да изградат такво автопатско решение. И второ, прашање е дали самите проектантски куќи што имаат лиценци за вакви големи инфраструктурни проекти тоа го направиле на начин што ќе обезбеди брза, квалитетна и навремена изградба. Тоа се двете анализи што се прават и што Министерството за транспорт и врски ќе треба да ги достави до Владата – вели Ковачевски.
Ковачевски констатира дека автопатот се гради повеќе од 10 години што укажува на тоа дека проблем е што самото проектирање не било направено на добар начин. Тој појасни дека Договорот со изведувачот од Кина е донесен со закон и секоја промена и анекс се прави во Собранието.
– Тоа значи менување на Законот и стапување во сила на новите одредби. Затоа, веќе има ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските аспекти на капиталните проекти и во однос на процедуралните аспекти, за што информираше министерот за транспорт и врски. Исто така, ќе биде повикан Фидик – експерт во однос на начинот на изведувањето на овој автопат – вели Ковачевски.
Тој појасни дека од Фидик експертот се очекува оцена за ефектите од начинот на продолжувањето на градбата.
– Ако се прекине соработката, нормално дека има финансиски импликации, кои единствено може да бидат дефинирани од меѓународниот арбитражен суд кој е наведен во Договорот изгласан во Собранието. Така врз основа на сите собрани информации, ќе се донесе одлука што ќе биде предложена во Собранието и пратениците ќе го имаат финалниот збор – рече премиерот.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во телевизиско гостување рече дека заклучокот по дводневната експертска дебата во Охрид бил дека проектот е предвреме почнат, без сите направени анализи. На новинарското прашање дали чувствува лична одговорност, министерот Бочварски рече дека во неговото Министерство цел тим работи на решавање грешки од минатото.
– Ако се утврди одговорност независно дали е на министер, проектант, или на кој било друг, секако дека таа ќе се понесе – рече Бочварски на ТВ 24.
Во истата дебатна емисија Андреа Серафимовски од „Гранит“, фирма подизведувач на „Синоходро“, рече дека овој проект е црна точка и за македонските градежници кои очекувале да им донесе позитивни референци, а им донел многу проблеми и дополнителни трошоци.
Деканот на Градежен факултет Горан Марковски пак рече: „Времето покажа дека теренот е толку нестабилен што знаењето и технологиите што ги поседуваме се премали за да ги разрешат овие проблеми. Станува збор за многу специфичен терен, со многу лоши карактеристики“.
Тој исто така посочи дека реализација на стари проекти со сосема други доктрини, со себе носи дополнителен ризик, а дека проектирањето на трасата почнало уште во 1999 година.
Марковски направи и точен пресек што досега е направено. Станува збор за автопатска делница долга 57 километри на којашто има предвидено и веќе се изведени конструкциите на 29 вијадукти и мостови со вкупна должина од 5.220 метри, а ако се сметаат двете ленти имаме некаде околу 10.000 метри мостови веќе реализирани. Има 24 натпатници и потпатници со вкупна должина од 1.608 метри, има 149 пропусти. Има завршен тунел со две цевки со должина од 2 километри. И имаме, она што е најспорно, 60-ина косини, при што со сериозна висина се околу 40 од нив и 84 отсто од ископот во косините е завршен.