Учесниците на изборите, политичките партии и независните кандидати веќе го најавија почетокот на кампањата, како и активностите што ќе следуваат. Најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи. Кампањата завршува на 15 октомври на полноќ.

Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

ДИК, претходно, потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со Ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи. Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати.

На Локалните избори закажани за 17 октомври 2021 ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани. Избирачкиот список беше заклучен на седница на Државната изборна комисија (ДИК) во петокот согласно роковникот. Најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лица, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

ДИК го утврди и изгледот на избирачкото ливче за локалните избори.

На Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето.

Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од Ковид-19  и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.