Шеснаесет пливачи од осум држави утре ќе застанат на стартот на 39 Охридски пливачки маратон, кој ќе се плива на традиционалната 25-километарска патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид.
На маратонот ќе настапат пливачи од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина. Во конкуренција ќе има 11 пливачи во машка и пет во женска конкуренција.
Стартот е закажан за 10 часот кај Свети Наум, додека целта е на Кејот кај Градското пристаниште во Охрид.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на прес-конференцијата во пресрет на маратонот истакна дека оваа спортска манифестација одамна го надминала спортското значење и претставува важен дел од охридскиот идентитет и туристичката промоција на градот.
– Охридскиот пливачки маратон не е само трка во светскиот календар во пливање на отворени води, туку и традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. Секој испливан метар од маратонот е приказна за силата на човечкиот дух, но и за љубовта кон езерото што нè спојува и поврзува – рече Пецаков.
Тој додаде дека маратонот го става Охрид на светската спортска мапа, но истовремено ја промовира македонската култура и гостопримството.
Пецаков го оцени маратонот како „круна на нашата летна сезона“ и посака учесниците да имаат мирно езеро, добра енергија и фер трка.
– За мене лично, а верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник – истакна градоначалникот.
Пецаков најави дека Општина Охрид, заедно со Министерството за спорт, планира засилена поддршка за јубилејното 40. издание на маратонот следната година.
Најавено е подигнување на нивото на организацијата, но и зголемување на наградниот фонд.
– Заедно со директорот на трката, пливачките клубови кои учествуваат во организацијата и Пливачката федерација на Македонија, ќе направиме повеќе од спектакуларно 40. издание на Охридскиот пливачки маратон – најави Пецаков.
Директорот на маратонот, Ристе Јанкоски, потврди дека и годинава ќе се плива патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри.
Наградниот фонд изнесува 15.000 долари, а парични награди ќе добијат најдобрите десет пливачи во машка и женска конкуренција, како и најдобрите тројца во генералниот пласман.
Покровители на маратонот се Општина Охрид, Министерството за спорт и претседателот на Република Македонија, додека технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.
Организаторите ги повикаа охриѓани и туристите да излезат и да го проследат маратонот од брегот на Охридското Езеро и со своето присуство да придонесат кон продолжувањето на традицијата на една од најзначајните спортски манифестации во Охрид.
