Според најавите од здравствените власти, наредната недела во земјава треба да пристигнат околу 1.500 пакувања од новата терапија што веќе се применува во САД во третман на пациенти болени од Ковид-19. Во ковид-центрите во болниците според вчерашните податоци на Министерството за здравство се лекуваат вкупно 1 717 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Сегашната состојба и големиот број на смртни случаи, според надлежните, се одраз на тоа што се случувало во претходните две недели, а очекуваат бројката да се намали како резултат на дополнителните рестриктивни мерки за околу две недели.
-Близу 15.500 граѓани досега се вакцинирани со „Астра Зенека“ во земјава. Во текот на денот се вакцинирани околу 1.000 и освен таа реакција кај девојката нема друга. Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара внимание или значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која се очекува после вакцината, мало црвенило, болка… не е нешто што би требало да се пријави како ефект или нешто што би било од клиничко значење, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Македонските државјани кои добија една доза вакцина на „Астра Зенека“, односно се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост, освен ако имаат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед на лекар. – Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став, а ќе ги следиме и насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање, изјави Филипче.
Во текот на овој месец во земјава се очекува да стигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители и процесот на масовна вакцинација да тече непречено, најави премиерот Зоран Заев. Во моментов согласно количината на вакцини што ја имаме, според него, капацитетите на вакциналните пунктови не се целосно искористени. Кога тоа ќе се случи, рече Заев, има можност да се отворат и нови и во главниот град и во внатрешноста.
-Очекуваме во текот на април да пристигнат повеќе од 300 илјади вакцини. Очекуваме да стигнат првите вакцини од 651-та илјада од Европската унија наменети за Западен Балкан, од кои за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20 – 25 илјади од нив, бидејќи неколку пати напоменуваме дека не зависи тоа од нас туку и од испорачателот, рече Заев.
Се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, со кој, вели, државата има договор за 800 илјади вакцини, како и втората пратка преку Ковакс-механизмот која исто така треба да пристигне во тек на овој месец. Според премиерот, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец, како и значителна количина од „Спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози.
Владата размислува за формирање два посебни штаба, едниот во кој ќе учествуваат и министрите за надворешни работи, за европски прашања и за одбрана, како и министерот за здравство за поефикасно транспортирање, прифаќање и диструмуција низ земјата за вакцините кои се нарачани. Во вториот, пак, како што рече Заев, ќе бидат вклучени МВР, ЦУК, ДЗС за подобра организација на процесот на вакцинација.
Во рамки на масовното вакцинирање во А1 Арена-сала „Борис Трајковски“ вчера почна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование од прво до трето одделение.Вакцинацијата ќе продолжи и во наредниот период. Станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час. Министерството за образование и наука апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на коронавирусот.