Пакистанските власти пред неколку дена им се заканија на граѓаните дека ќе им забранат да користат мобилни телефони доколку не се вакцинираат против коронавирус. Претходно се одржа состанок на здравствените власти во најнаселената провинција Пенџаб во Пакистан, со кој претседаваше министерот за здравство Јасмин Рашид, на кој беше заклучено дека вакцинацијата мора да се забрза. Сепак не беше соопштено од кога би се спроведувала таквата мерка.

По првичниот план за вакцинирање на повеќето од 67 милиони жители на Пенџаб до крајот на годината, владата успева да вакцинира само 52.000 луѓе на ден. Многумина сметаат дека причина за тоа е слабата информираност на Пакистанците за важноста на вакцината или загриженоста за можни несакани ефекти, наведува РТЛ.

Сега владата отиде чекор понатаму и се закани дека ќе ги конфискува мобилните телефони од сите оние кои не се вакцинираат, односно ќе ги исклучат услугите за мобилна телефонија. Повеќето Пакистанци имаат пристап до Интернет пред се преку мобилни телефони затоа што не поседуваат лаптопи или компјутери, што значи дека е можно да завршат во своевидна информативна изолација.

Во изминатото деноноќие во Пакистан се регистрирани 27 смртни случаи, 991 новозаразени и 1.282 оздравени лица.