-Јуни е критичен месец за Западен Балкан. Имаме многу прашања на маса. Ние сакаме да организираме меѓувладини конференции со Србија и со Црна Гора, за да ги продолжиме нивните преговори за членство. Ние сакаме да ги организираме првите две меѓувладини конференции со Албанија и со Северна Македонија, го имаме овој Самит за да ги покажеме резултатите. Оваа година навистина може да биде година на Западен Балкан, но ние сакаме резултати,истакна Вархеји на заедничката прес-конференција со домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.

Вархеји додаде дека ЕУ веќе ги подготви претпристапните фондови и е подготвена да го започне инвестицискиот план за Западен Балкан, но оти прво регионот мора да функционира како единствен регионален пазар.

-Подготвени сме да ја потврдиме нашата заложба што ја ставивме на маса со планот за економски инвестиции. Од есента кажавме дека станува збор за 30 милијарди евра во вид на инвестиции во регионот, но овој план нема да функционира ако регионот не функционира како целина, ако немаме регионален пазар, посочи Вархеји.

Како еден од повеќето примери тој посочи дека нема смисла да се градат автопати ако сите големи возила ќе мора да застануваат на различни гранични точки на секои 100 клометри.

-Имаме договор во ЕУ за финансирање на овој план. Овој договор го постигнавме минатата недела со Советот на Европскиот парламент за програмата ИПА 3, односно претпристапните фондови, што ќе биде механизмот со кој ќе се финансира. Ние сме подготвени да го започнеме овој инвестициски план и сакаме нашите партнери од Западен Балкан да започнат со овој план што е можно поскоро, наведе еврокомесарот.

Рама меѓу другото изјави дека „плановите за работа се конкретни и ова е еден од оние моменти што мора да прифатиме дека ЕУ досега го исполни својот дел, останува на нас да го направиме нашето”.

-Не е спорно дека Владата на Република Албанија, јас лично сум бил од првиот момент и остануваме непоколебливи во нашето убедување дека проектот за она што јас го нарекувам регионален шенген, некој го нарекува минишенген, но некој друг не мора да го споменува името, е стратешки проект со вонредни економски и социјални придобивки, но на крајот и политички за целиот регион, истакна Рама.

Лидерите на Западен Балкан, како што наведе Рама побрале движењето на нивните граѓани да не биде ограничено од видот на примената вакцина против Ковид-19.

По работниот ручек ќе биде потпишана заедничка декларација.