На прашање кои земји први би можеле да влезат во ЕУ односно кои според него се најблиску до тоа, Вархеји одговори дека „најблиску се оние кои први ќе испорачаат“. Како одредница кога би можеле да има предлози во врска со проширувањето тој го наведе октомври

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска одговараше на новинарски прашања во Толедо, Шпанија

Го поздравувам тоа што Европскиот совет конечно да се ангажира и да направи голем скок за да се случи проширувањето. Европската комисија (ЕК) отсекогаш била подготвена да даде каков било предлог што ќе нè доведе до проширување во 2030 година.

Ова е дел од коментарот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој доаѓа откако во понеделникот од Бледскиот стратешки форум во Словенија претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел порача како одредница до кога ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување ја наведе 2030 година. Тој изјави дека до тогаш и ЕУ и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување и порача дека за да биде посилна, побезбедна и помоќна, ЕУ сега треба да се справи со предизвикот на проширувањето.

Вархеји денеска за ваквите изјави на Мишел одговараше на прашања за време на настан во градот Толедо во Шпанија каде се одржува неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Ако ова (изјавата на Мишел) е порака дека Советот сака конечно да се ангажира и да се прошири, рече еврокомесарот, таквата вест е добредојдена.

„Се разбира, ЕК отсекогаш била подготвена да даде каков било предлог што би не водел до таму. Мислам дека не се работи за датуми. Мислам дека тоа е повеќе прашање на волја, а исто така и прашање на испорака – испорака од страна на ЕУ, но и испорака од страна на нашите партнерски земји од Западен Балкан или другите три земји-кандидатки“, рече Вархеји.

Тој го наведе месец октомври како период кога ќе има суштински предлози.

„Ова ќе дојде веќе во октомври кога ќе сакаме да дадеме суштински предлози, вклучително и плато за раст кој претседателката *Урсула фон дер Лајен) веќе го објасни во Братислава. Ова ќе ја забрза не само институционалната туку и вистинската интеграција. Вистинската интеграција на луѓето и економиите во ЕУ“, рече еврокомесарот.

Тој додаде дека ЕК е „подготвена да даде каков било предлог“ за да се постигне тоа и тоа ќе се види „уште во октомври“.

На прашање кои земји први би можеле да влезат во ЕУ односно кои според него се најблиску до тоа, Вархеји одговори:

„Мислам дека најблиску се оние кои ќе испорачаат први. Затоа би ги охрабрил сите да ја забрзаат својата работа. Мислам дека сега сите имаат се и ќе имаат се на маса од октомври, па се надевам дека нема да биде само една од нив заинтересирана за оваа европска понуда, туку сите од нив“.

Изјавата на Мишел за проширување во 2030 година беше една која ја брануваше домашната јавност. Уште една изјава која предизвика реакции беше и онаа на францускиот претседател Емануел Макрон, дадена на годишниот состанок со француските амбасадори во понеделникот, кога рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето.

Тој тогаш не објасни како ќе функционира Европа со повеќе брзини, но рече оти е ризично „да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи“. Ден по ваквата негова изјава, следуваше и изјавата на француската министерка за Европа, Лоренс Бун, која рече дека проширување може да се случи и пред 2030 година.

„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да сме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Мислам дека тоа се нашите задачи“, рече Бун на една од панел-дискусиите на Бледскиот стратешки форум од каде дојде и изјавата на претседателот на Европскиот совет.