Кина го одбила барањето на Соединетите Американски Држави за средба на министрите за одбрана на годинешниот безбедносен форум во Сингапур овој викенд, јавуваат агенциите. „Кина нè информираше дека го одбива нашиот повик на почетокот на јуни министерот Лојд Остин да се сретне со кинескиот министер за национална одбрана Ли Шангфу во Сингапур“, соопшти Пентагон.
Американското министерство за одбрана порача дека верува во отворена комуникација „за да се обезбеди конкуренцијата да не премине во конфликт“. Минатата недела портпаролот на Белата куќа Џон Кирби кажа дека министерството за одбрана разговарало за почнување разговори меѓу Остин и неговиот кинески колега, кој во март беше именуван за министер за одбрана.
Шансите за нивна средба внимателно се следеа поради регионалните безбедносни тензии и трговските спорови кои ги расипаа плановите за повторно затоплување на односите на двете најголеми светски економии.
Минатата недела американската министерка за трговија Џина Рајмондо и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао разменија ставови за трговската, инвестициската и извозната политика на состанок во Вашингтон што беше прва средба на ниво на американската и кинеската влада по неколку месеци.
Безбедносниот аналитичар од Сингапур Иан Стори кажа дека одлуката на Кина не навестува добро. „Во време на растечки тензии на САД и Кина, одбивањето на генералот Ли да се сретне со американскиот колега дополнително ќе ги истенчи регионалните нерви“, кажа Стори.
Остин и Ли ќе бидат во Сингапур на годишниот Шангри ла дијалог кој почнува во петок, неформален собир за функционерите за одбрана и аналитичарите. Се очекува двајцата да одржат билатерални средби со колегите од целиот регион.
Ли, кого експертите за безбедност го сметаат за ветеран на напорите за модернизација на кинеската војска, е под американски санкции од 2018 година поради купување борбени авиони и опрема од главниот руски извозник на оружје, Рособороноекспорт. Ли е член на Централната воена комисија, највисокото одбранбено тело на Кина со кое претседава претседателот Си Џинпинг.