Обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ до синдикатите

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, тврди дека синдикалецот Иван Пешевски заработува трипати повеќе од минималната плата и дека за четири месеци примил колку што е една годишна плата за просечен работник.

– Пешевски заедно со приходите од договори на дело, во 2024 и првите два месеци од 2025 година инкасирал 1.3 милиони денари – изјави Манасиевски.

Одговорот на синдикатот

Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, возврати дека ваквите напади имаат за цел да го спречат зголемувањето на минималната плата.

– Владата не сака да ја зголеми минималната плата и затоа не напаѓа. Го повикувам Манасиевски да ми ги даде тие 15.000 денари што, според нив, ги добивам, за да имам 75.000 денари плата – изјави Трендафилов.

Тој предложи сите избрани и именувани функционери да работат за 500 евра, под услов веднаш да се изгласа минимална плата од 500 евра за сите работници.

Препукувања околу зголемувањето на платите

Преписките меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ССМ се случуваат во момент кога минималната плата се зголеми за 2.200 денари според актуелната методологија. Синдикатот бара дополнителни 5.600 денари, а сега излезе со ново барање – зголемување од 6.000 денари за сите.

Минималецот расте за 1800 денари: Синдикатите со предлог за минимална плата од 500 евра, работодавците не попуштаат

Владата ја остави можноста за поголемо покачување, но само ако за тоа постои согласност меѓу работниците и работодавачите. Тие нагласија дека буџетот е во лоша состојба и државата не може да субвенционира дополнително зголемување.

Во меѓувреме, СДСМ предложи закон за ослободување на компаниите од плаќање придонеси за зголемениот дел од платите, иако во изминатите седум години на власт не го направија тоа, инсистирајќи на почитување на постојната методологија.